18/11/2015
Од 13 до 15 ноември Општина Богданци беше домаќин на настанот „Денови на Ќустендилската култура во Богданци“, кој е дел од активностите на проектот „Отворена врата за културна размена – Градење на заедничка европска иднина“, во кој се вклучени Oпштина Богданци (Р.Македонија) и Oпштина Ќустендил (Р.Бугарија), финансиран од ИПА - програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Серијата настани се одржаа во реновираните простории на Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Настанот го отвори проектниот координатор, Ирена Ѓоргиевска, а гостите и учесниците беа поздравени од градоначалничката на Општина Богданци, Анастасија Олумчева. Потоа следуваше претставување на ЦД Мултимедија за културното наследтво на Богданци од страна на Васко Марковски, како претставник на изготвувачот, а беше оддржан и форум на тема „Перспективите на културната соработка меѓу Ќустендил и Богданци“. Во панел-дискусијата учествуваа претставничките на Општина Ќустендил Слава Соколова и Љубљана Начева, а како домаќини, Илија Тумбов - публицист и хроничар, Никола Шелдаров - археолог, Ристо Лазаров - музички педагог и етнологот Петар Стојчевски.Во продолжение, беше отворена изложба на уметнички слики од млади автори од Ќустендил и од Богданци. Отварањето на изложбата беше проследено со музичко интермецо во изведба на оркестарот од СОУ „Богданци“, предводен од проф. Ристо Лазаров.Следно на програмата беше поетското читање, со стихови на автори од двете страни на границата. Поетесата Светла Радкова од Ќустендил ја промовираше својата збирка на песни „Нешта за сакање“, а Васко Марковски се представи со песни од збирката „Корпоративно утро“, отпечатена во Богданци. Поетскиот дел од програмата заврши со читање на поемата „Ако“ од Трајче Кацаров, која ја изведоа Цвета Ангелова и Тина Танчева, ученички од СОУ „Богданци“, под менторство на професорките Верица Ризовска и Соња Србова, а придружувани со клавир од професорот Бранко Сапламаев.Настанот беше заокружен со вечерниот концерт со кој се претставија детската вокална група „Калпазани“ од Ќустендил и група млади музичари од Богданци.