01/07/2026
Искажувам благодарност до Претседателот на Владата за укажаната чест и за огромната доверба, искрено верувам заслужена и низ многу премрежија докажана, да застанам на чело на Министерството за локална самоуправа. Да се води ресор кој е директниот мост помеѓу централната власт и секој наш град, секоја наша општина и секое маало, е исклучителна, но пред сè, голема одговорност пред граѓаните. Мојот претходник и неговиот тим поставија цврсти и стабилни основи, врз кои ќе продолжиме да градиме со уште позабрзано темпо.
Нашата примарна, суштинска мисија е преку силни, економски стабилни и модернизирани општини да создадеме реална, опиплива перспектива за нашиот народ. Ова не е само политичка цел, ова е нашата најважна битка - битката за нашите граѓани, за нашите млади генерации.
Во остварувањето на оваа визија ниту една средина нема да остане заборавена. Свесен сум дека силни градови нема без развиени и живи рурални средини, затоа мој силен приоритет ќе биде вистински, праведен и рамномерен регионален развој. Помалите и руралните општини мора и ќе ја добијат потребната системска и финансиска поддршка од државата. За таа цел, посебен фокус ќе ставиме на максимално и посветено искористување на европските фондови и програмите за прекугранична соработка. Овие средства ќе ги насочиме директно таму каде што се најпотребни - за модерни патишта, чиста вода за пиење, нови градинки, современи училишта и еколошки проекти. Целта е едноставна: достоинствен живот за секој граѓанин, без разлика дали живее во центарот на главниот град или во најоддалеченото македонско село.
Оваа доверба од Претседателот и од народот ја прифаќам со максимална сериозност. Владата, градоначалниците, локалните лидери, но пред сè граѓаните, во мене ќе имаат искрен сојузник, отворен партнер и неуморен работник, кој нема да се штеди за остварување на овие стратешки цели. Вратите на ова министерство ќе бидат ширум отворени за секоја добра идеја и за секој што сака да придонесе за подобра иднина на локалните самоуправи и граѓаните.
ЗАБРЗУВАМЕ со напорна, чесна и отчетна работа, на терен - уште од првиот миг! #иванстоилковић