21/08/2026
ESNS 2027: Отворен повик за европски музички артисти
https://ced.mk/kultura/260821-esns-2027-otvoren-povik-za-evropski-muzichki-artisti
До 1 септември 2026 година трае повикот за европски музички артисти кои сакаат да настапат на ESNS – Eurosonic Noorderslag, еден од најзначајните европски showcase фестивали и музички индустриски настани. Изданието за 2027 година ќе се одржи од 13 до 16 јануари 2027 во Гронинген, Холандија.
ESNS е место каде што новите европски музички имиња се претставуваат пред значаен број професионалци од музичката индустрија. Секоја година настанот привлекува повеќе од 4.000 професионалци, а неговата мрежа вклучува повеќе од 130 партнерски фестивали, медиумски партнери и европски музички export канцеларии.
Повикот е отворен и за сите домашни артисти.
Артистите кои ќе бидат избрани за настап на ESNS автоматски се вклучуваат во European Talent Exchange – програма која им помага на европските артисти да добијат настапи на фестивали надвор од нивната матична земја.
European Talent Exchange е кофинансирана од Креативна Европа, а иницијативата ги поврзува европските артисти со широка мрежа на фестивали, музички export канцеларии и медиуми.
Покрај музичката програма, ESNS функционира и како значајна европска платформа за музичката индустрија, со конференции, панели, работилници и средби меѓу артисти, менаџери, агенти, фестивалски букинг агенти, издавачки куќи и други професионалци.
Во текот на оваа година ESNS најавува и нов отворен повик за ESNS Conference, преку кој ќе се прифаќаат предлози за панели, keynote предавања, работилници и други програмски формати.
Краен рок за поднесување на апликациите за ESNS 2027 е 1 септември 2026 година
Заинтересираните европски артисти сè уште имаат време да ја подготват и поднесат својата апликација преку следниов линк:
https://esns.nl/en/festival/play-at-esns/
Со оглед на тоа што ESNS е една од платформите преку кои европските артисти можат да се поврзат со фестивали и професионалци од цела Европа, повикот претставува значајна можност особено за артисти кои се подготвени за следниот чекор во својата меѓународна кариера.