НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола

  • Home
  • Macedonia
  • Bitola
  • НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола

НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола Национална установа - Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и оваа година додели 666 ваучери за бесплатно зачленување на сите првачиња од Општи...
10/09/2026

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и оваа година додели 666 ваучери за бесплатно зачленување на сите првачиња од Општина Битола, во рамките на настанот „Училишна приказна“.

Почитувани родители, проверете ја торбичката со подароците што ја доби вашето прваче! Во неа се наоѓа и ваучерот со кој вашето дете може бесплатно да се зачлени во нашата библиотека.
Сè што треба да направите е во најскоро време, заедно со вашето дете, да ја посетите библиотеката и да го приложите ваучерот. Да запловиме заедно во светот на приказните и, со секоја новоизучена буква, чекор по чекор да го совладуваме читањето. Нека првото одделение биде почеток и на едно прекрасно читателско патување!
Не дозволувајте ваучерот да остане заборавен во торбичката – искористете го и подарете му на детето свет исполнет со книги, знаење и фантазија!

Ве очекуваме!

Денеска (10.9.2026 година) во ООУ „Даме Груев“ – Битола, реализиравме интересна и едукативна активност со учениците од п...
10/09/2026

Денеска (10.9.2026 година) во ООУ „Даме Груев“ – Битола, реализиравме интересна и едукативна активност со учениците од прво одделение, посветена на книгите, читањето и омилените ликови од детските приказни.

Преку играта „Погоди го јунакот“, на учениците им читавме кратки описи, а тие со голема радост ги препознаваа Црвенкапа, Пинокио, Пепелашка, Снежана, Грдото Пајче, Трите прасиња и други познати книжевни јунаци. Децата покажаа знаење, љубопитност и голема желба за учество. Во оваа игра немаше победници и поразени – сите ја заслужија титулата „Одличен познавач на приказните“. 🏅

Со учениците разговаравме и за ваучерите за бесплатно зачленување во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои неодамна им беа поделени во рамките на настанот „Училишна приказна“.

Ги повикуваме родителите да го искористат ваучерот во најскоро време и заедно со своето дете да ја посетат библиотеката. Првото одделение не е прерано за членство – токму сега е вистинското време детето да ја избере својата прва книга и да започне да создава љубов и навика за читање.

Упатуваме искрена благодарност до учителката Нела Неделковска и до директорката Биљана Дамчевска-Бакиевска за срдечниот прием, поддршката и соработката во создавањето убави читателски навики кај најмладите.

Искористете го ваучерот – секоја голема читателска приказна започнува со една мала книга! 📖💛

ОУ "Даме Груев" - Битола Нела Неделковска Биљана Дамчевска-Бакиевска

Посета на Шведска и Данска – култура, традиција и нови библиотечни искуства Во периодот од 4 до 8 септември 2026 година,...
09/09/2026

Посета на Шведска и Данска – култура, традиција и нови библиотечни искуства

Во периодот од 4 до 8 септември 2026 година, м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник и раководител од областа на развој на библиотекарството, меѓународната соработка, маркетингот и односите со јавноста, престојуваше во Трелеборг, Шведска, на покана на Македонското здружение „Пелистер“.

Посетата беше реализирана во духот на пријателството, соработката и зајакнувањето на врските со македонската заедница во Шведска и во Данска, како и по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија.

Особено значаен дел од програмата беше концертот на Мијата, одржан на 5 септември во „Паркен“ во Трелеборг, во организација на македонската заедница и Македонската библиотека во Трелеборг.

Настанот започна со интонирање на македонската и шведската химна, а членовите на играорната група „Монистра“ ја збогатија програмата со прекрасен сплет од македонски народни ора. Потоа следуваше концерт исполнет со силни емоции и вистинска музичка уметност, создадена од фантастичниот вокал на Мијата и извонредните музичари виртуози.

Во рамките на престојот беше реализирана и посета на Главната библиотека во Гладсаксе – Gladsaxe Hovedbibliotek во Данска. Посетата овозможи непосредно запознавање со организацијата, просторот, современите услуги и начинот на функционирање на една данска јавна библиотека.

Ваквите посети се драгоцена можност за размена на искуства, запознавање со добри европски библиотечни практики и развивање нови идеи за унапредување на библиотечните услуги и меѓународната соработка.

Упатуваме искрена благодарност до г. Маријан Бошевски, до Елизабета Ристевска Дамева, до Македонското здружение „Пелистер“, до Македонската библиотека во Трелеборг, како и до сите домаќини и организатори, за поканата, срдечното гостопримство, вниманието и прекрасните заеднички моменти.

Со ваквите средби ги чуваме македонскиот јазик, музика, традиција и културен идентитет, градиме мостови меѓу заедниците и отвораме нови можности за културна и професионална соработка. 🇲🇰🤝🇸🇪🤝🇩🇰

Оваа година одбележуваме уште еден значаен јубилеј, 35 години државност, слобода и паметење. Одбележуваме 35 година само...
07/09/2026

Оваа година одбележуваме уште еден значаен јубилеј, 35 години државност, слобода и паметење. Одбележуваме 35 година самостојна, независна Македонија.
Три и пол децении се период во кој нашата држава се гради, се создава и го испишува својот пат. 8 септември останува запишан како еден од најзначајните датуми во современата историја на Македонија – симбол на слободата, државноста и правото на сопствен пат. Тоа е историски чин со кој започна ново поглавје во современата македонска државност.
Оваа изложба претставува своевидно патување низ времето, време запишано низ книгите, весниците.Сведоштва кои го отсликуваат периодот на создавањето и развојот на независната македонска држава. Од историските настани и политичките процеси, преку културниот и општествениот живот, до значајните личности и моменти кои го одбележаа изминатиот период, изложбата ја раскажува приказната за една држава која веќе 35 години го гради својот современ идентитет. Затоа, оваа изложба не е само потсетување на минатото, туку и можност за негово повторно читање од перспектива на сегашноста. Триесет и пет години независност се 35 години историја, предизвици, достигнувања, култура, јазик, традиција и траење.
Нека оваа изложба биде потсетник дека државата не ја сочинуваат само нејзините граници и институции. Ја сочинуваат луѓето, нивната меморија, нивната култура, јазикот, книгата и наследството што го оставаат на идните генерации.
35 години независна Македонија.
35 години сопствен пат.
35 години приказна што продолжува да се пишува.

СВЕЧЕНО ОТКРИЕНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕТО ПОСВЕТЕНО НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО НУУБ  „Св. Климент Охридски“- БИТОЛАВо холот на ...
05/09/2026

СВЕЧЕНО ОТКРИЕНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕТО ПОСВЕТЕНО НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО НУУБ „Св. Климент Охридски“- БИТОЛА
Во холот на Националната установа- Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ -Битола, свечено беше откриено спомен-обележјето посветено на св. Климент Охридски, патронот на нашата установа, кој е траен симбол на писменоста, просветителството, духовноста и културното наследство.
Спомен-обележјето е дело на авторот Зоран Николовски, кој пред присутните говореше за сложениот и инспиративен процес на создавање ликовна претстава на историска личност за која не постои непосреден визуелен запис, авторот рече: „Сите ние сме автопортрет на Бог, кој го создал човекот и светот“, истакна Николовски, посочувајќи дека при создавањето на ликот на св. Климент Охридски авторот може да се повикува на мајсторски изработените фрески и другите историски записи, но дека тоа воопшто не ја олеснува уметничката задача.
Пред присутните се обрати и директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која истакна дека проектот „Соба на Св. Климент Охридски“, реализиран во рамките на Годишната програма за 2026 година со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува само еден сегмент од пошироката визија за развој и отворање на Библиотеката кон јавноста.
„Нашата цел е Националната установа -Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола да биде препознатлива не само како место за читателите, студентите и истражувачите, туку и како значајна културна точка за сите посетители на Битола“, истакна директорката Стефановска-Давкова.
Во таа насока, Библиотеката интензивно работи на доопремување и доуредување на музејската поставка, соодветно застаклување и изложување на старите и ретки книги, периодичните изданија и предметите поврзани со историјата на Библиотеката, Битола и државата, како и на посебната „Соба за музикалии“ на вториот кат.
Особено значајно е што делот од објектот во кој се наоѓа „Музејската поставка“ е опфатен под заштита, согласно прописите за културното наследство. Токму затоа, една од заложбите е, во соработка со надлежните институции, како НУ Завод и Музеј-Битола и другите музејски установи, како и институции од областа на културата и туристичките чинители, Библиотеката во иднина да стане препознатлив дел од културно-туристичката понуда на Битола!
Библиотеката, основана како градска библиотека на 25 март 1945 година, денес има статус на Национална и Универзитетска библиотека, а од 1954 година ја остварува и својата исклучително значајна депозитна функција, а тоа е чување на задолжителниот архивски примерок на книжниот и некнижниот библиотечен материјал.

„Ние не чуваме само книги. Ние чуваме дел од колективната меморија, културниот идентитет и сведоштвата за времето во кое живееле и твореле генерациите пред нас“, порача директорката.
На свеченоста присуствуваа Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заменик-градоначалничката на Општина Битола Марина Крстиќ, претставници на институции, вработени во Библиотеката, уметници, соработници, љубители на книгата и бројни гости.
Со новото спомен-обележје, ликот и делото на св. Климент Охридски добиваат свое трајно и достоинствено место во институцијата што гордо го носи неговото име.
Мисијата на нашиот патрон, Св. Климент Охридски е знаењето да се создава, да се пренесува и да остане наследство за идните генерации, а тоа е и мисија што нашата Библиотека продолжува да ја негува и денес!

Драги читатели, Ве очекуваме!!!
04/09/2026

Драги читатели, Ве очекуваме!!!

Денес на големиот настан „Училишна приказна“, во нај пријатната атмосфера помеѓу џагорот на првачињата, директорката на ...
04/09/2026

Денес на големиот настан „Училишна приказна“, во нај пријатната атмосфера помеѓу џагорот на првачињата, директорката на библиотеката м-р Емилија Стефановска-Давкова, заедно со другите организатори им приредија прекрасно изненадување на нашите дечиња. Библиотеката се вклучи во овој настан доделувајќи ваучер за бесплатно зачленување во Библиотеката на сите ученици од прво одделение.
Градскиот парк во Битола денес испиша една нова приказна која за секогаш ќе биде врежана во сеќавањето на нашите драги првачиња. Денес сите заедно ги прославиме нивните чекори во образовните води, новите другарства и почетокот на едно прекрасно патување низ светот на книгите и знаењето!

Ве очекуваме!!!

📚 Со особена радост ја споделуваме веста дека НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од настанот „Училишна прика...
03/09/2026

📚 Со особена радост ја споделуваме веста дека НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од настанот „Училишна приказна“, ќе им додели ваучери за бесплатно зачленување во Библиотеката на сите ученици од прво одделение.

Ги покануваме првачињата утре во 10:00 часот во Градскиот парк во Битола, за заедно да ги прославиме нивните први училишни чекори, новите другарства и почетокот на едно прекрасно патување низ светот на книгите и знаењето! 📖✨

УТРЕ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК ВО БИТОЛА „УЧИЛИШНА ПРИКАЗНА“ ЗА ПРВАЧИЊАТА

Утре во 10:00 часот во Градскиот парк ќе се одржи забавен настан за првачињата од основните училишта во Битола.
Возење со „Мечо“, дружење со ЗАГИ, училишни точки, подароци, сето ова и годинава по повод почетокот на новата учебна година за нашите првачиња.

Општина Битола во соработка со ЈП „Паркинзи“ и поддржувачите на настанот Зоолошка градина, Културно Информативен центар, НУУБ „Свети Климент Охридски“ Црвен Крст, АМД „Ѓорѓи Наумов“, „БиМилк“ и „Пелистерка“ со голема радост ги покануваат првачињата на втората „ Училишна приказна “.

Нека овој ден биде ден на кој ќе ги славиме првите училишни чекори и радоста на новите другарства.

Денес започнува новата учебна година, а првиот училишен ден носи возбуда, радост и големи очекувања.Како родители, имаме...
01/09/2026

Денес започнува новата учебна година, а првиот училишен ден носи возбуда, радост и големи очекувања.

Како родители, имаме моќ да влијаеме врз светот во кој ќе растат нашите деца. Да им покажеме дека вистинската сила се препознава во добрината, разбирањето и подадената рака, а не во повредувањето на другите. Да ги научиме да застанат во одбрана на ранливите и да бидат глас на оние што не можат сами да се заштитат.

Емпатијата и сочувството се вредности од кои израснуваат добри луѓе, искрени пријатели и одговорни лидери.

Седнете со вашето дете и разговарајте за важноста на почитувањето. Потсетете го дека секое дете е уникатно и дека нема место за потсмевање и исклучување поради изгледот, облеката, финансиската состојба, потеклото или која било друга различност. Научете го да биде добар пријател, да ги прифаќа различностите и да им подаде рака на оние што се чувствуваат осамено или отфрлено.

Училиштето треба да биде безбедно и пријатно место за секое дете. Насилството остава болка и тага, а училишните денови треба да бидат исполнети со знаење, радост, пријателства и убави спомени.

Нека ова биде учебна година на прифаќање, поддршка и заедничко растење. Да создадеме училишта исполнети со љубов, почит и заедништво, затоа што секое дете заслужува да биде среќно, прифатено и сигурно. ❤️

Борбата против насилството започнува од дома! ❤️

Address

Pece Matichevski 39
Bitola
7000

Opening Hours

Monday 07:00 - 20:00
Tuesday 07:00 - 20:00
Wednesday 07:00 - 20:00
Thursday 07:00 - 20:00
Friday 07:00 - 20:00

Alerts

Be the first to know and let us send you an email when НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола posts news and promotions. Your email address will not be used for any other purpose, and you can unsubscribe at any time.

Contact The Organization

Send a message to НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ - Битола:

Shortcuts

Share

Category