05/04/2026
КОГА ТЕЛЕФОНОТ СЕ ДЕЛЕШЕ СО КОМШИЈАТА, ПРИКАЗНА ОД ЕДНО ДРУГО ВРЕМЕ
Во не така далечното минато, кога Македонија штотуку ги градеше своите институции, а телефоните беа вистински луксуз, постоеше едно секојдневие кое денес звучи речиси неверојатно, еден телефон, две фамилии.
Во многу домови, особено во градови како Битола, телефонската линија не била индивидуална, туку делена со соседите. Тоа значело дека ако комшијата зборува, ти чекаш. Ако ти зборуваш, тој чека. Нема интернет, нема паралелни повици, нема „ќе ти вратам“.
Овој систем бил познат како двојник линија. Технички, две куќи биле поврзани на иста телефонска линија, со што се штеделе ресурси во време кога инфраструктурата сè уште се развивала.
Но, животот со ваков телефон носел и свои „правила“:
– Ако слушнеш дека линијата е зафатена, нема што, ќе почекаш
– Ако некој подолго зборува, почнува нервоза
– Понекогаш се случувало и „случајно“ да се слушне туѓ разговор
– Имало и ситуации кога комшијата ќе те замоли: „Ајде побрзо, ми треба телефонот“
И покрај сите ограничувања, телефоните тогаш имале посебна тежина. Секој повик бил важен, секој разговор, со причина. Немало празни муабети со часови, туку кратко, јасно и точно.
Овие линии биле дел од едно време кога технологијата била поскромна, но луѓето, поблиски. Комшиите не биле само тие што живеат до тебе, туку и тие со кои делиш… дури и телефон.
Денес, кога секој од нас има по неколку уреди во џеб, тешко е да се замисли дека некогаш еден телефон бил доволен за две фамилии.
Ама тие шо го паметат тоа време, добро знаат не беше лесно… ама имаше душа.
Се сеќавате кој беше вашиот ДВОЈНИК?