22/07/2026
Вчера, на 21.07.2026 година во малата сала на Народен театар - Гевгелија се одржа промоција на стихозбирката „Собрани остатоци од светот“ од Пепи Стамков.
Настанот со музички настап го отвори Теодора Гошева Капсарова, по што се обрати Стефан Марковски, директор на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија, кој изрази надеж дека Пепи ќе продолжи да чекори по патот на поезијата и творештвото по објавата на неговата прва стихозбирка, како што било случај и со објавата на првите поетски творби со книжевното списание „Современост“ и збирките во издание на библиотеката „Метрички карван“, нагласувајќи дека и самото литературно творење подразбира игра со остатоците од нашите јазични и реални светови, при што во секое дело може да доминира статичноста или динамичноста кога станува збор за неговиот краен облик, или пак, да станува збор за спој на двете.
Промоцијата се одвиваше во форма на разговор помеѓу поетесата, преведувач и издавач на стихозбирката Драгана Евтимова и младиот поет, кој улогата на поезијата, „во време на постојани разгори низ светот“, ја согледува како „најсилен гласник за светските настани“.
На прашањето за поетите кои го инспирираат да твори, Стамков рече дека несомнено најголемо е влијанието од Конески, посочувајќи дека „неговата Везилка тече во крвотокот на македонскиот народ“, додека пак, од странските поетски имиња ја спомна познатата полска поетеса Вислава Шимборска.
Од живите македонски поети, Стамков го спомна поетот Зоран Анчевски.
Во разговорот стана збор за неговото учество на Струшките вечери на поезијата, за начинот и времетраењето на создавање на делото.
Промоторката Евтимова забележа дека голем дел од песните имаат нагласена дијалошка форма насочена кон читателот, по што го постави прашањето колку, според него, е гласна македонската поезија во светот, на што Стамков одговори дека „македонската поезија е доволно гласна, но не знаеме колку другите сакаат да не' чујат“.
На прашањето што би можело да се стори за да се промени светот, младиот автор ја парафразираше познатата сентенца од романот „Идиот“ на Достоевски, која гласи „убавината ќе го спаси светот“ во „љубовта ќе го спаси светот“, велејќи дека и Достоевски е еден од авторите на кои постојано им се навраќа и ги препрочитува.
Настанот беше реализиран во рамки на програмата „Гевгелиско културно лето 2026“.