23/07/2026
❗❗❗
Градоначалникот на Крушево и директорот на ЈП Комуна Крушево будно ја следат состојбата со водата директно од Унгарија!
Информацијата од Центарот за јавно здравје Прилеп дека водата за пиење во Крушево е бактериолошки неисправна е тежок срам за Општина Крушево и ЈП „Комуна“. Наместо да обезбедат основен услов за живот безбедна вода за пиење денес граѓаните се принудени да купуваат флаширана вода и со часови да превриваат вода во своите домови.
Отсуството на резидуален хлор и присуството на бактерии од цревно потекло не се „мал технички пропуст“. Тоа е директна закана по здравјето на секое семејство, секое дете и секој повозрасен граѓанин.
Каде се градоначалникот и раководството на ЈП „Комуна“? Ќе излезе ли некој јавно да им се извини на граѓаните? Ќе признае ли некој дека потфрлил? Или повторно ќе слушаме изговори додека граѓаните плаќаат сметки за вода што не смеат ниту да ја пијат?
Кој ќе понесе одговорност за ова? Кој ќе одговара ако некој се разболи поради оваа негрижа? Дали повторно никој нема да биде виновен?
И за крај, едно прашање до градоначалникот и директорот на ЈП „Комуна“, кои во овие моменти се Унгарија:
Каква е водата таму? Чиста ли е? Безбедна ли е за пиење? Убаво ли е кога безгрижно ќе пуштите чешма и знаете дека водата е исправна?
Додека вие уживате во квалитетна вода далеку од Крушево, граѓаните што ви ги довериле своите гласови денес купуваат флаширана вода и ја превриваат водата во своите домови од страв за сопственото здравје.
Можеби најдобро ќе биде, кога ќе се вратите, наместо сувенири од Унгарија, да донесете малку од нивната одговорност и од нивниот начин на управување со јавното водоснабдување. Затоа што Крушево денес нема потреба од фотографии од службени патувања, туку од чиста вода за пиење и луѓе што ќе преземат одговорност.
Крушево не заслужува ваква негрижа. Граѓаните заслужуваат чиста вода, целосна вистина и конкретна одговорност. Ако некој не знае или не може да ја извршува функцијата што ја добил, најмалку што може да направи е да понесе одговорност и да се повлече.