Движење ЗНАМ За Наша Македонија-ОО Ресен

  • Home
  • Macedonia
  • Resen
  • Движење ЗНАМ За Наша Македонија-ОО Ресен

Движење ЗНАМ За Наша Македонија-ОО Ресен Contact information, map and directions, contact form, opening hours, services, ratings, photos, videos and announcements from Движење ЗНАМ За Наша Македонија-ОО Ресен, Political Party, 29th of November, Resen.

30/06/2026

ЗНАМ со зајакнати позиции во новата Влада

Претседателот Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес конференција соопшти дека ЗНАМ во Владата ќе раководи со Министерството за јавна администрација и со Министерството за земјоделие, а ќе добие и уште еден заменик министер во едно влијателно министерство. Министеството за јавна администрација ќе продолжи да го води досегашниот министер Горан Минчев, а со Министерството за земјоделие ќе раководи Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во Министерството и Потпретседател на ЗНАМ.

На денешната седница Извршниот одбор на партијата ги разгледа актуелните политички состојби, процесот на реконструкција на Владата и идните чекори во реализацијата на нашите програмски определби.

„Пред две години го формиравме Движењето ЗНАМ пред се со државотворна идеја, идеја која својата политичка и морална легитимност ја црпи од вредностите на АСНОМ и Илинден, од стремежот кон самостојна, достоинствена, праведна и европска Македонија.

Од самиот почеток кажавме дека политиката за нас нема да биде натпревар за функции, туку натпревар за доверба и испорачување на резултати, во интерес на граѓаните и државата“, рече Димитриевски.

„Токму затоа, кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не калкулиравме. Не ги баравме најлесните ресори, ниту позициите кои носат најмал политички ризик. Свесно ги презедовме Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, два ресора кои со години беа симбол на застој, недовршени реформи и нарушена доверба на граѓаните во институциите.

Денес, по две години, со право можеме да кажеме дека изборот што го направивме беше исправен.

Во Министерството за јавна администрација се реализираа суштински реформи кои создаваат основа за професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација.

Додека, во Министерството за правда беше започнат најобемниот реформски циклус во последната деценија, со јасна цел, правосуден систем кој ќе биде предвидлив, ефикасен и во служба на правдата.

И ова не е само политичка оценка на ЗНАМ.
Ова е и оценка што ја споделуваат и потврдуваат и нашите европски партнери. Неодамнешните пораки на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се силна потврда дека Република Македонија ги исполнува обврските од реформската агенда и дека институциите испорачуваат резултати таму каде што со години постоеше застој, во делот на реформа на јавната администрација и владеење на правото.

Во разговорите со нашиот владин партнер, ВМРО-ДПМНЕ, околу реконструкцијата на Владата, Движењето ЗНАМ не настапуваше од позиција на тоа колку ресори ќе добие, туку од позиција каде можеме да дадеме најголем придонес за државата.

Нашата програма за парламентарните избори во 2024 година не беше пишувана за една изборна кампања, туку претставуваше визија за развој на Македонија, и една од главните програмски определби беше „Македонија самоодржлива држава.

Самоодржлива држава значи држава која ги користи сопствените потенцијали.

Држава која ја зајакнува домашната економија, го штити сопственото производство, создава услови за конкурентно земјоделство, инвестира во човечкиот капитал и ја намалува зависноста од надворешни фактори.

Токму затоа оценивме дека во оваа фаза од развојот на Владата, ЗНАМ треба да преземе уште поголема одговорност во секторите кои директно влијаат врз економскиот развој и животниот стандард на граѓаните.

По сеопфатна анализа и консултации во рамките на партијата како и со нашите коалициски партнери, денес Извршниот одбор едногласно одлучи Министерството за јавна администрација и понатаму да остане предводено од Горан Минчев, кој во изминатите две години покажа дека реформите можат да се реализираат со знаење, визија и политичка одговорност.

Истовремено, Движењето ЗНАМ ќе го преземе раководењето со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За министер го предлагаме Борче Серафимовски“, соопшти претседателот на ЗНАМ, Димитриевски.

„Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис менаџер и дипломиран дефендолог, а во изминатите две години успешно ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Она што за нас беше пресудно не се само неговите академски квалификации, туку фактот што доаѓа како човек кој веќе го познава системот, ги познава потребите на македонските земјоделци, ги разбира предизвиците со кои се соочува агросекторот и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики.
Уверен сум дека ќе ја оправда довербата што му ја даваме денес, исто како што тоа го направија и нашите досегашни министри.

Во согласност со коалицискиот договор, во септември ЗНАМ ќе преземе дополнителна одговорност со именување заменик-министер во едно од највлијателните министерства во Владата.

Дозволете ми во оваа прилика да упатам искрена благодарност до Игор Филков за сè што направи како министер за правда.

Зад него останува сериозен реформски капитал, 33 подготвени законски решенија, од кои 13 се директно поврзани со реформската агенда и четири од нив се усвоени и изгласани во Собранието на Република Македонија (Закон за судска служба, Закон за јавно обвинителска служба, Закон за судски совет, Закон за совет на јавни обвинители), а истите се изработени преку процес во кој беа вклучени повеќе од 300 експерти во рамки на 24 работни групи.

Тоа не е успех на еден човек или на една партија.

Тоа е успех на државата.

Му благодарам за професионалноста, интегритетот и посветеноста и уверен сум дека неговото знаење и искуство ќе продолжат да бидат значаен дел од политиките што ги креира Движењето ЗНАМ“, рече Димитриевски.

„Одлуките што денес ги донесовме не претставуваат обична кадровска реконструкција.

Тие се резултат на политичко созревање, на стекнато искуство и на довербата што ја изградивме преку работа.

ЗНАМ денес има поголема институционална одговорност отколку пред две години.

Но, со секоја нова одговорност расте и нашата обврска кон државата и кон граѓаните.

Ние немаме намера да ја мериме нашата успешност според бројот на функции што ги извршуваме.

Нашето мерило ќе остане исто како и до сега, водено од тоа колку институциите се поефикасни, колку реформите се подлабоки и колку граѓаните чувствуваат подобар квалитет на живот.

Затоа ќе продолжиме да бидеме конструктивен, стабилен и принципиелен партнер во Владата.

Ќе продолжиме да ги реализираме политиките што им ги ветивме на граѓаните.

И ќе продолжиме да докажуваме дека државотворноста не е политички слоган, туку секојдневна обврска.

Тоа е суштината на ЗНАМ. Тоа е нашата одговорност.

И тоа е патот по кој ќе продолжиме да ја градиме Македонија“, нагласи претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес конференција.

Центар за комуникации и аналитика

30/06/2026
19/06/2026

Минчев: Има ли Македонец кој ќе прифати дека Гоце Делчев не е Македонец?

Скопје, 18 јуни 2026

Македонија мора да најде решение за европскиот пат, но не решение кое ќе отвори нови прашања за македонскиот идентитет, историја и јазик, порача министерот за јавна администрација и генерален секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Горан Минчев, во гостувањето во „Само Интервју“ на Канал 5 ТВ.

Минчев посочи дека прашањето не е само дали Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, туку што ќе се случи потоа. „Хипотетички, утре да ги внесеме Бугарите во Уставот. И што следно? Ако следното барање биде Гоце Делчев? Има ли Македонец кој ќе се согласи дека Гоце Делчев не е Македонец?“ праша Минчев.

Тој нагласи дека Македонија не може да прифаќа процес без гаранции дека после едно исполнето барање нема да следуваат нови.
„Ние имаме ситуација каде што од бугарска страна постојат ставови дека Македонците постојат по 1945 година или дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Тоа не се само историски прашања, туку прашања што го допираат темелот на македонскиот идентитет“ рече Минчев.

Минчев го постави и прашањето како може Македонија да прифаќа определени толкувања на историјата, а да се игнорираат настаните и жртвите.
„Пред неколку дена бев во Ваташа, каде што оддадовме почит на 12-те младинци, жртви на едено тешко историско злосторство. Тоа било масакр, трагедија која народот не ја заборава. И замислете перверзија. Венко Филипче и СДСМ полагаат цвеќе таму, а во исто време велат дека ако Бугарите се внесат во Уставот, треба да се признае дека биле „бугарски администратори“, а не окупатори.“ истакна Минчев.

Според него, Македонија не може да дозволи европскиот процес да значи прифаќање на тези со кои се оспорува македонската посебност.
„Не може да се бара од нас да прифатиме дека нешто што е дел од нашата историја и идентитет е предмет на преговарање. Ние мораме да најдеме начин да излеземе од оваа состојба, но тоа не значи да излеземе по секоја цена. Македонија мора да оди кон Европската Унија, но како рамноправна држава, со свој јазик, историја и идентитет“ порача Минчев.

Движењето ЗНАМ продолжува да се залага за политика која ја става Македонија над партиските интереси, за европска иднина, силни институции и држава која знае да преговара, но и да ги брани своите темели.

Центар за комуникации и аналитика

17/06/2026

СООПШТЕНИЕ ДВИЖЕЊЕ ЗНАМ ЗА НАША МАКЕДОНИЈА

Има рани што времето не ги лекува.
Има солзи што не пресушуваат ни по осум децении.
Има места на македонското тло, каде што секој чекор треба да биде придружуван со тишина, почит и чувство на длабока одговорност пред историјата на нашата држава.

Ваташа е токму такво место.

Таму, на таа света македонска почва натопена со крвта на дванаесет млади животи, не се оди за политички поени.

Не се оди за да се избрише сопствената вина со еден букет цвеќе.

Не се оди за да се одглуми почит пред камерите, а зад нив да се гази врз историската вистина на нашата држава.

Во Ваташа се оди со наведната глава пред жртвата на дванаесетте младинци кои беа стрелани од бугарскиот фашистички окупатор само затоа што ја сакале слободата на Македонија повеќе од сопствениот живот.

Во Ваташа се оди со чист образ.

Но, вчерашната појава на Претседателот на СДСМ, Венко Филипче и неговите сопартијци, пред споменикот на ваташките младинци, беше суров потсетник на политичкото лицемерие кое со години ја навредува меморијата на македонскиот народ.

Со кое лице Венко Филипче застана пред споменикот на ваташките младинци?
Со кое лице дојде со цела партиска делегација да положува цвеќе пред жртвите на бугарскиот окупатор?

Со кое морално право се поклонуваше пред жртвите на бугарскиот фашистички окупатор, кога истата таа политичка структура со години ја релативизира историската вистина на нашата држава?

Зарем тоа не е истата партија, чиј лидер и негов ментор, Зоран Заев, зборуваше дека Бугарија не била фашистички окупатор, туку администратор?!

Граѓаните на Македонија не забораваат.

Не забораваат кој тврдеше дека Бугарија не била фашистички окупатор.

Не забораваат кој и денес го турка наративот за внесување на Бугарите во Уставот, без притоа да побара ниту историско признание, ниту извинување за злосторствата врз македонскиот народ.

Ваташките младинци имаа семејства, соништа, храброст и младост пред себе.

Перо, Ванчо, Данко, Илија, Ристо, Блаже, Пане, Герасим, Ферчо, Васо, Диме и Пане не беа немилосрдно убиени од администратори. Тие беа стрелани затоа што беа Македонци кои веруваа во слободата и достоинството на својот народ.

Затоа денес најмалку што заслужуваат е вистината.

А вистината не може да се менува според дневните политички потреби.

Не може еднаш да ги нарекувате окупаторите - администратори, а потоа да се претставувате како чувари на антифашистичката традиција.

Не може да ја бришете историјата, а потоа да положувате цвеќе врз нејзините најкрвави страници.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија смета дека споменот на ваташките младинци е светост што не смее да биде злоупотребувана за политичка рехабилитација на погрешните политики од минатото.

Македонија никогаш нема да се откаже од својата историска вистина, од својот национален идентитет, од македонскиот јазик и култура, ниту од својата антифашистичка традиција врз која е изградена современата македонска држава.

Никој нема право да ја прекројува нашата историја, да ги релативизира жртвите на македонскиот народ или да наметнува толкувања што се спротивни на фактите и колективната меморија на генерации Македонци.

Ова не е прашање на политика.
Тоа е прашање на достоинство, чест и одговорност кон минатото, но и кон идните генерации кои имаат право да ја знаат вистината за својата татковина.

Како Движење, остануваме непоколебливи во одбраната на историската вистина, затоа што народ кој ќе ги заборави своите жртви, ризикува повторно да ја изгуби својата иднина.

А Македонија нема право да ги заборави Ваташа, ниту своите дванаесет младинци. Никогаш.

Центар за комуникации и аналитика

17/06/2026

🔴 Максим Димитриевски во „Топ Тема“ на Телма: „Нашите мотиви да влеземе во Владата беа Македонците повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, гостуваше во емисијата „Топ Тема“ на Телевизија Телма, каде што говореше за реализацијата на владината програма, улогата на ЗНАМ во Владата и клучните политички прашања од интерес за граѓаните.

Осврнувајќи се на причините поради кои ЗНАМ стана дел од владината коалиција, Димитриевски истакна дека главната цел била да се спречат негативните политички сценарија од минатото и да се обезбеди посилна застапеност на македонските национални интереси.

„ЗНАМ влезе во оваа коалиција за да не гледаме реприза на она што се случуваше во минатото. Нашите мотиви да влеземе во Владата беа Македонците повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“, нагласи Димитриевски.

Тој посочи дека ЗНАМ нема потпишано формален коалициски договор со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН, но по парламентарните избори била усогласена заедничка владина програма во која се вградени програмските приоритети и заложби на Движењето ЗНАМ.

Димитриевски истакна дека министрите од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев и Игор Филков, доследно ја реализираат владината програма во согласност со приоритетите од Реформската агенда.
Како потврда за постигнатите резултати, тој потсети на оценките изнесени од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, при неговата посета на Македонија, кога беше потенциран напредокот во областите јавна администрација и владеење на правото – ресори предводени од кадри на ЗНАМ.

Како едно од најзначајните политички прашања во изминатиот период, Димитриевски ја посочи непроменливоста на Уставот под услови на нови отстапки и повторно го афирмираше концептот на условени уставни измени, предлог што го застапува веќе неколку години.

„Нашиот став останува непроменет. Концептот на условени уставни измени е решение што ги штити националните интереси и обезбедува јасни гаранции за државата и граѓаните“, истакна претседателот на ЗНАМ.

Во своето гостување, Димитриевски порача дека ЗНАМ ќе продолжи да делува како фактор на стабилност, реформи и заштита на државните и националните интереси, останувајќи доследен на ветувањата дадени пред граѓаните.

Центар за комуникации и аналитика

Address

29th Of November
Resen
7310

Alerts

Be the first to know and let us send you an email when Движење ЗНАМ За Наша Македонија-ОО Ресен posts news and promotions. Your email address will not be used for any other purpose, and you can unsubscribe at any time.

Shortcuts

Share