06/09/2026
МИЦКО ГО ИСМЕВААТ, точно е!
Растот на БДП е меѓу највисоките, точно е!
Тогаш зошто исмевање?
Повеќе денови читам коментари со саркастична содржина, па и навредливи, за изјавата на Мицкоски дека ние сме во четирите најдобри економии во Европа по раст на БДП (ако веруваме на статистиката).
Треба да истакнеме што е тоа реален раст на БДП, а што е “добра економија”? Економски е некоректно високата стапка на раст на БДП да се изедначува со „најдобра економија“.
Имено, растот на БДП покажува со која брзина се менува економската активност во одреден период, а не колку е развиена, продуктивна или богата една економија. Македонија навистина бележи солидна стапка на економски раст. Тоа треба да се поздрави.
Стапката на раст е промената, а не ниво на развиеност. Економија која е значително посиромашна може да расте 4%, додека многу побогата и попродуктивна економија расте 1%. Од тоа не следува дека првата е „подобра економија“.
Според куповната моќ, ние сме околу 42% од просекот на ЕУ. Во номинални износи, според актуелни податоци, Eurostat дава околу 8.590 евра БДП по жител за Македонија, наспроти 41.620 евра просек на ЕУ. Србија е на околу 13.540 евра, а Црна Гора на 13.110 евра.
Јас немам обрска да го бранам Мицкоски, ниту коалициска, ниту лична. Но професионалната етика не ми дозволува да останам нем на темата. Според мене, ние сме меѓу побрзорастечките економии во одреден период, но тоа не значи дека сме меѓу најдобрите економии. Стартот е клучен. Тоа што е кажано за БДП е точно. Колку и да е за неверување, може да се смееме колку сакаме, ЕУ Комисија ги потврдува тие податоци.
Во економијата има огромна разлика меѓу „брзо растам“ и „богат сум“. Ние растеме како мала економија, но не сме богати ако се анализираат продуктивноста, реалните доходи, инвестициите, извозот, јавниот долг, дефицитот, инфлацијата, вработеноста и долгорочната стапка на раст.
Ако еден човек има приход од 500 евра и тој му порасне 10%, а друг има 5.000 евра и приходот му порасне 2%, првиот расте петпати побрзо. Но се уште не е побогат од вториот.
Да сме сериозни. Ние имаме околу четврта највисока стапка на раст, за четврта најдобра економија треба уште многу вода да истече низ Вардар. Ако ме разбирате.
Значи исмевањето доаѓа поради неразбирање на термините, а не поради лажни факти. Помалку да се смееме, повеќе да учиме термини и да стекнуваме нови знаења.