15/07/2026
Во 7 години владеење на СДСМ и ДУИ бројот на ученици е намален за 17 илјади. Затоа сега е неопходна оптимизација на училишната мрежа. Имаме многу подрачни училишта со по две-три деца кои ниту се социјализираат, ниту имаат можност да се натпреваруваат со другарчиња, ниту применуваат современа технологија бидејќи во училиштето ја нема. Тие треба да се приклучат кон најблиските поголеми училишта и да имаат поквалитетен воспитно – образовен процес. Тоа е од нивен интерес, а нивните интереси се приоритетни во политиките на МОН. Притоа, потенцирам, ниеден наставник нема да ја изгуби работата.
Во изминатите две години од мандатот на Владата ниту еден наставник не е отпуштен од работа и нема да биде ниту во периодот што следи. На сите им даваме можност да ги надополнат часовите кои им недостасуваат, преку дополнителна работа со талентирани ученици или со ученици кои заостануваат во реализацијата на наставните програми, преку дополнителни наставни и воннаставни активности, водење разни секции и слично.
Ова се прави и заради потребата децата подолго да остануваат на училиште, со оглед дека имаат многу помалку часови од европскиот просек. Учениците во Македонија поминуваат 6.816 часа на училиште до 14 годишна возраст, а просекот во земјите членки на ОЕЦД е 7.775 часа. Се бориме да го достигнеме овој процес и нашите ученици да не бидат последни на ПИСА тестирањата.