10/09/2026
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја отвори Регионалната конференција „Охрид 2026“, посветена на актуелните предизвици во еврозоната и нивното влијание врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан.
Главната порака за земјите од регионот е дека глобалната неизвесност и состојбите во ЕУ имаат директни последици врз економиите од регионот, но и врз фискалниот простор за одговор на секој нов шок.
Фискалната отпорност не се гради во моментот кога започнува кризата, таа се гради претходно преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и повисок квалитет на јавната потрошувачка. Тоа е и пристапот што Република Македонија го следи во својата среднорочна фискална политика.
Но клучно е дека фискалната консолидација не смее да биде механички процес на намалување на расходите, ниту спротивставена цел на растот. Стабилноста и растот мора да се градат заедно.
Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот. Инвестициите не значат занемарување на долгот. Социјалната заштита не значи трајно зголемување на неефикасните расходи. Затоа политиката што ја следиме во Македонија, ја темелиме на четири принципи - стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност.
Тоа е патот кон поотпорни јавни финансии, одржлив економски раст и побрзо приближување кон европските стандарди.