29/04/2026
НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Почина Дедо Иљо, Царот Малешевски, борец за слобода на Македонија, но и во битки за Србија, Бугарија и за Русија.
Ајде, ред се редат, мале, ајде ред се редат, кочански сејмени… Така почнува народната песна испеана за Царот Малешевски, Илија Марков Малешевски (познат како Дедо Иљо Малешевски), прочуен македонски ајдутски војвода, во втората половина на 19. век, кој учествувал во битките против Турците.
Ајдутскиот војвода Дедо Иљо Малешевски починал на денешен ден (според некои извори на 17 април) во 1898 година во Ќустендил.
Роден е на 28 мај 1805 година во Берово, се борел во многу битки против Османлиите и поради неговото херојство го нарекувале и Цар Малешевски.
Во османлискиот период, Малешево било нахија (реон) и било составен дел од каза (околија), а во 19 век, неколку малешевски села влегувале во Ќустендилската каза, која била составен дел од Нишкиот вилает.
Според Ј. Џ. Васиљевиќ семејството Иљо припаѓало на родот Мутракинови, кои се викале Кализовци и Маркови. П. Хитов истакнува дека таткото на Иљо се викал Марко, а по него се нарекол Марков. В. Стојанов го именувал како Иљо Марков. Во документите од 60-тите години на 19 век е именуван како капетан Иљо, а потоа како дедо Иљо. Се сретнува и како Кара Иљо, Иљо Малешевски, а во постарата литература се сретнува како Иљо Војвода.
Во конзуларните извештаи од 1860-1862 година се наведува дека Иљо имал една ќерка од околу 10 години и два сина од 5 и 8 години. Од овој податок може да се заклучи дека Иљо веќе околу 12 до 15 години бил оженет. Во едно писмо на неговата жена Стојанка – Цона напишано околу 1860 година, која исто така потекнувала од Берово, пишува дека таа се омажила пред 11 години, односно околу 1849 година.
Повеќе верзии за одметнувањето
Пред своето одметнување, Иљо се занимавл со земјоделие и други општи работи во Берово и низ Македонија. Во зима и напролет, тој организирал по малешевските и околните села – аргати и аргатки и како нивни предводник во летото ги водел на работа по големите чифлици во Скопското и Серското поле. Уште во овој период, Иљо бил шетан човек, познавал повеќе луѓе и се научил и свикнал да предводи луѓе, да се справува со османлиските бегови и да се пресметува со рабојниците. Иако бил неписмен, оставал впечаток на просветен човек. Бил великодушен, полн, широкоград и јак, средно висок со јуначко тело. Според еден негово современик, Иљо имал: „… долги црни коси, црн мустак, испечено лице, орлов нос, долгунесто лице, јасно и убаво чело и големи црни очи, мил поглед…“
Постојат повеќе верзии за годината и причините за одметнувањето на Иљо. Според една од верзиите, Иљо пред да стане ајдутин, при спасувањето на својата сестра од потурчување, убил еден од Турците и се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските Турци и беровскиот буљукбашија Габо Парамун решиле да се пресметаат со него затоа што сметале дека тој ги извршил сите убиства на Турците и сите палежи во Берово.
Во Берово се раскажувала дека неговиот постар брат Станко бил скаран со еден Турчин, поради некоја нерасчистена сметка од собирањето на десетокот, кои тие заедно го го вршеле. Според писмото на Цона, судирот настанал поради тоа што кога Иљо побарал од бајракатарот Мехмед да му ги плати трите оки на масло што му ги дал Иљо на вересија, тој се налутил и решил да го убие. Односно не една, туку повеќе причини биле потик Турците да ги нападнат Иљо и неговиот брат Станко на нивата каде што работеле, кај местото Селце. Во нападот Станко бил смртно ранет, а Иљо во десната рака. Станко пред да умре успеал да убие еден од напаѓачите. Судирот се пренел во колибата изградена во нивата, каде што Иљо го убил буљукбашијата Габа, а убил и двјца сејмени, по што усепал да избега ранет. По овој настан Иљо станал ајдутин.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 109 турски војници.
Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите зацртани планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.
Во почетокот на јули 1879 година престанале секакви востанички дејствија, но со доаѓањето на Османлиите во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25.000 – 30.000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населнието од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото населението почнале да се доселуват муслимани од Бугарија.
Уште додека беше жив Дедо Иљо станал легенда, а неговата храброст и јуначки дела се испеани во многу народни песни. За покажаната храброст во војните одликуван е со повеќе ордени од страна на српската, руската и бугарската власт. Умира во Ќустендил во 1898 година. Погребан бил со највисоки почести. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдучки војвода. Дедо Иљо Малешевски е опеан во македонската народна песна „Ајде, ред се редат“:
https://www.youtube.com/watch?v=asj5J0__Pqc