02/09/2026
Утрово во Скопје присуствував на отворањето на регионалната конференција „Организиран криминал во затворите – зајакнување на интегритетот, разузнавањето и соработката во земјите од Југоисточна Европа“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Македонија и Амбасадата на САД во Скопје.
Конференцијата отвора ново поглавје во регионалниот, интегриран и системски пристап кон борбата против организираниот криминал.
Криминалот не завршува зад решетките. Криминалните структури и поединци наоѓаат начини да продолжат со своите активности и во затворите, но и по нивното излегување на слобода. Затоа, размената на информации, развојот на разузнавачките капацитети, институционалниот интегритет и меѓусебната доверба се клучни за безбедноста на целиот регион.
Во тој контекст, корупцијата е кислородот на криминалот. Секое коруптивно однесување, злоупотреба на службената положба или постапување што му овозможува на криминалот да опстојува мора навреме да биде препознаено, спречено и санкционирано.
Во изминатите две години покажавме дека полицијата има капацитет, знаење и решителност да застане на патот на организираниот криминал и криминалните групи. Продолжуваме одлучно и без калкулации. Сепак, борбата не завршува со полициската акција.
За правдата да биде испорачана до крај, целиот систем мора да функционира како една целина, од разузнавањето и истрагата, преку обвинителството и судовите, до извршувањето на санкциите и управувањето со затворскиот систем. Секоја институција има своја одговорност и ниту една алка не смее да биде слаба.
Оттука, неопходно е да ги зајакнуваме капацитетите и интегритетот во затворскиот систем, како и размената на информации за состојбите и ризиците во казнено-поправните установи. Само така можеме да спречиме криминалците, без разлика дали се зад решетки или повторно на слобода, да управуваат со криминални мрежи, да вршат нови кривични дела и да ги загрозуваат животите на чесните граѓани.
Организираниот криминал, корупцијата, нелегалната трговија со дрога, прекуграничниот криминал и сите други форми на криминално дејствување немаат место во нашето општество.
Македонија не е, а и нема да биде засолниште за криминалот.
Со силни институции, професионалност, интегритет, размена на информации и регионална соработка, заеднички ќе го затвориме секој простор во кој криминалот се обидува да опстојува.
#ЗаконРедИнтегритет
#ЗаЕдноЗаБезбедност